loading...
-Не се исплатува да си болен...
...заради малку внимание.
Постојат и подобри начини да го добиеш она што го сакаш (малку внимание нели?) отколку да се разболиш. Кога си болен/а, сите кон тебе се однесуваат понежно - сестра ти ти носи филмови од дивидитека, мама и тато те галат по цел ден... Не е ни чудо што сакаш болеста подолго да трае или што посакуваш да си болен/а засекогаш. Можеш да забележиш дека луѓето што се игнорирани и несакани почесто се разболуваат. Тоа е така зашто кога си незадоволен/а длабоко во себеси, твојот имунолошки систем слабее па полесно се разболуваш. Но, не се исплатува да си болен за малку внимание зашто за кратко време на сите ќе им здодеат твоите болести и набргу ќе ја слушнеш мајка ти како вели: „Станувај веќе од креветот и раскрени ја собата!“
-Кога ќе дојде време за акција...
...важно е да се опуштите.
Многу е важно да бидеме добро подготвени, но кога ќе се најдеме во одредена ситуација, треба да ги оставиме работите сами да се одвиваат. Тогаш она што е најдобро излегува од твојата потсвест. Ќе биде многу подобро отколку да пружаш отпор. Штом нешто премногу сакаме тогаш ништо не функционира. Особено ако тоа сакаме да го добиеме веднаш! Тоа е затоа што си премногу возбуден/а, а тогаш полошо функционираш отколку кога си опуштен/а. Заради тоа и многу спортисти постигнуваат подобри резултати на тренинзите отколку на натпреварите, како што и главните „фраери“ во одделение занемуваат кога ќе се најдат насамо со девојка која навистина им се допаѓа.
-Животот се случува во бранови...
Како што постојат звучни бранови, микробранови, светлосни бранови и уште многу др., така и животот се случува во бранови. Нештата и настаните обично патуваат во групи. Понекогаш ти се чини дека ништо не ти се случува со месеци, а потоа одеднаш ќе ти се случат многу нешта: ќе се заљубиш, ќе освоиш награда со активностите во училиште, ќе се преселите во нов стан со родителите... Ако знаеш дека во животот можат одеднаш да се случат повеќе работи, ќе ти биде полесно да пребродиш некои несакани или несреќни моменти што ќе ти се случат, знаејќи дека е тоа само еден бран кој набргу ќе се повлече.
-Не се вели итно
ако не е битно.
Размисли за ситуациите во кои твојот распоред е преполн со обврски.Точно одвои кои работи мораш прво да ги направиш, па ќе видиш дека многу итни работи и не се толку битни. А потоа порелаксирано и подобро ќе ги завршиш сите обврски. Ако во својот распоред ги внесеш приоритетите, во голема мера ќе ги намалиш стресовите и премореноста.
-На мислите им е
потребна пауза...
Можеби ова ти звучи глупаво, но ако добро се сконцентрираш ќе забележиш дека помеѓу две реченици во твојот мозок доаѓа до мала пауза. Оваа мала пауза всушност трае неколку милисекунди. Токму толку е потребно за да се донесе некоја одлука, која често е пресудна за изнаоѓање паметно решение. Тоа е момент на тишина кој ти овозможува да согледаш повеќе опции и да претпоставиш како би завршиле тие. Во тој дел од секундата обично и се премислуваме и тргнуваме во друг правец. Се разбира, ако сме им дозволиле на мислите да ја имаат таа пауза.
-Кој премногу се фали...
...нему нешто му фали!
Добро е да се има чувство за сопствените квалитети, но ако тоа вклучува и преголема горделивост, нескромност и премногу фалби, тогаш значи дека нешто не е во ред со нашата самодоверба. Таквото однесување само покажува дека личноста сака нешто да скрие, дека се прави недостапна или нескршлива за да остави поинаков впечаток пред другите и да предизвика стравопочит. Оној кој има вистинско чувство за сопствените вредности, тој е свесен за своите добри страни, но исто така ги прифаќа и сопствените недостатоци. Не постои совршена личност, никој не е без мани. Оној кој навистина има голема самодовреба и е сигурен во себе, тој нема да биде умислен или арогантно да се однесува.
-Среќата е заразна.
Среќните и весели луѓе сакаат да се дружат со среќни, а несреќните сакаат да се дружат со несреќни затоа што поубаво се чувствуваат во друштво со некој со кого можат успешно да се споредуваат. Вистина е дека среќните луѓе имаат енергија да се дружат и со несреќните, но не долго време. Затоа, насмевни се, почни нештата да ги гледаш од поведрата страна и луѓето околу тебе ќе го посакуваат твоето друштво. Бидејќи среќата е заразна, кога ќе бидеш тажен/а, приклучи се на весело друштво. Едноставно, ти си тој/таа кој може да го движи синџирот на среќата.
-Со промените тргни од себеси.
Пред да потрошиш многу енергија обидувајќи се да ги смениш другите (што инаку е невозможна мисија) мораш да се промениш себеси.Сите промени што сакаме да ги направиме во животот треба да почнат од нас самите, а не да се трудиме да ги промениме родителите, професорите, симпатијата или некој од друштвото. Бидејќи најчесто самите на себеси сме си најголеми непријатели, не е лошо за почеток тој однос да го претвориме во пријателски. Почни да се наградуваш сам/ата, биди искрен/а спрема себеси, одржувај ги ветувањата што си ги дал/а сам/ата на себеси, бидејќи помалку самокритичен/а и ќе видиш дека и светот околу тебе ќе почне да се менува.
-Јас не барам,
јас наоѓам...
Некои луѓе цел живот нешто бараат, а некои секогаш нешто наоѓаат. Овие првите, главно, секогаш се незадоволни и мали се можностите дека ќе најдат нешто што ќе ги усреќи, додека вторите се што ќе најдат го претвораат во среќа. Ако се обидуваш да најдеш идеален другар/ка, идеален наставник, идеална ситуција за секоја твоја замисла, веројатноста дека постојано ќе бидеш разочаран/а е голема. Од друга страна, ако нештата околу тебе ги прифатиш такви какви што се и се обидеш во нив да ги најдеш добрите страни, животот ќе ти стане поубав, а среќата постојано ќе биде со тебе.
-Кога целта е недостижна ...
... тогаш нема ни да се обидуваме!
Сите сакаме да бидеме посреќни, поуспешни, поценети... и тоа е нормално. Но често посакуваме да бидеме најсреќни, најуспешни, најпризнати... а тоа е невозможно! Кога знаеш дека е тоа невозможно тогаш лесно ќе се откажеш од какви било промени пред воопшто и да се обидеш да ги направиш. Точно одреди во што можеш да напредуваш, што конкретно може да ти помогне за да бидеш подобар/а за себе, па и за другите. И почни тоа да го реализираш, но полека, со мали, но сигурни чекори.
No comments:
Post a Comment