loading...
Еден цар имал голема склоност кон цвеќињата. Тој донел едно цвеќе од друга земја и бил многу заинтересиран за него. За да го одгледува, најмил и градинар. Градинарот бил должен секогаш да кажува како е цвеќето. Еден ден, додека цвеќето си растело, градинарот видел дека тоа започнало да венее. Мислејќи што ли му се случило, видел еден крт како му ги подјадува корењето, па отишол и му кажал на царот. Царот, во одговор на тоа, му рекол:
-Од Бога ќе си го најде!
Градинарот се зачудил, се вратил и се фатил за работа. По некое време, додека одел низ градината, градинарот видел како една змија се прострела и спие на сонцето. А кртот, којшто ревел под змијата, ја вознемирил, таа се разлутила и со внимание гледала кога тој ќе излезе над земја. Штом го видела разлутена, го лапнала.
Градинаот побрзал, отишол при царот и се му раскажал. Царот повторно рекол дека и таа ќе си го најде од Бога. По малку време, дури си ја вршел својата работа, еден ден копајќи ја градината, градинарот не видел дека змијата била прострена и лежела спроти сонцето, па удрил со копачот и ја пресекол на две. Отишол пак кај царот и му кажал за случката со змијата.
-И ти ќе си го најдеш од Бога! - му рекол.
Градинарот се збунил и пак отишол на работа. Градинарот доста време се занимавал со својата работа, но цвеќето никако не заздравувало, па еден ден царот го повикал кај себе и во гнев заповедал да го убијат. Сакале, не сакале, џелатите го зеле градинарот, го однеле на особено место за убивање и кога требало да го убијат, тој побарал нешто да му каже на царот.
-Доведете го, нека каже!
Кога го донесле градинарот пред царот, тој му рекол:
-И ти ќе си го најдеш од Бога!
Царот останал смајан од тоа, му простил на градинарот, го пуштил и рекол:
-Секој ќе си го најде местото, стана што стана, а нашето цвеќе ќе свене.
No comments:
Post a Comment